Ново маче дома!? Сега што!?

novomaceПрво и најважно за вашиот нов миленик е дека треба да земете детални и темелни информации од оној од кој сте го добиле, без оглед на тоа дали сте го земале од продавница за миленичиња, ветеринар, пријател или на интернет.

Оној од кого сте го земале мачето треба да ви каже дали е мачето вакцинирано, стерилизирано/кастрирано, дали примало некаква терапија, дали покажувало симптоми на болест, добило ли апче против паразити, дали е прочистено од болви/крлежи, дали има пролив или нормална столица, дури треба и да побарате контакт од ветеринарот кај кого мачето дотогаш било носено (ако било носено) итн.

Овие информации многу ќе ви помогнат во понатамошниот тек на настаните бидејќи ќе бидете спремни, на пример, дека мачето има инфекција на окото и ќе знаете како да реагирате, нема тоа да ви дојде од никаде и да ве фати неподготвени.

Најголемиот број на состојби кај мачињата не се опасни по живот и не се пренесуваат на човек или на животни од друг вид, на пример ако дома имате куче, а вашето маче е болно од грип кучето нема шанси да се зарази, исто како што и вие ако имате грип нема шанси да му го пренесете на вашето куче/маче. Вирусите што предизвикуваат болести кај одделните животински видови (каде што се вбројува и човекот) се специфични за животинскиот вид кој го напаѓаат, односно, ако сте вие болни од ХИВ тој вирус не може да им го пренесете на вашите миленици, мачињата ги напаѓа посебен сој на овој вирус што се нарекува ФИВ (http://www.vet.cornell.edu/fhc/brochures/fiv.html).

Животните не се нешто различни од човекот, комуникацијата ни е на различно ниво, поинаку изгледаме, но во основа сме исти. И животните, како и ние, чувствуваат страв, болка, депресија, тага, лутина.

Зошто кога знаеме дека животното на ист начин како нас се храни, на ист начин како нас се ослободува од отровните материи во телото, има уши што ги користи за слушање, очи што ги користи за гледање, нос што го користи за мирисање, зошто тогаш да ни е толку тешко да сфатиме дека животните мозокот го користат за размилување?! Нели е тоа апсурд?!

Генерално, на вашиот нов миленик треба да му пристапите со отворено срце, а не да се плашите дека секое мало црвено точкиче на вашето тело е предизвикано од новото маче и дека веднаш треба да се фрли надвор! Мало животно е како мало дете, така и треба да се постапува со него. Од почеток треба да му се покажат сите работи што сакате да ги прави и ако не сака да ве послуша тепањето баш нема да ги смени работите, само ќе направи животното да се плаши од вас, да ве презира, а ќе му направите и огромни трауми што може да придонесат за понатамошни несакани реакции и лошо однесување.

Ако мачето го соберете директно од улица еве како треба да постапите:

* Прво и најважно е мачето да го сместите во транспортер или во затворена кутија од каде што нема да може да излезе за да не почне да врши нужда каде што ќе му дојде бидејќи ќе му биде многу страв. Кутијата или транспортерот обложете ги со дебел слој весници на дното и веднаш отидете да го купите следново:

а) Една ампула „Неостомосан“ против надворешни паразити

(Ја има во ветеринарните амбуланти и во пет-шоповите, чини околу 200 денари. Ампулата се раствора во 1,5 л млака вода.)

б) Едно апче против внатрешни паразити „Бихелдон“

(Го има во ветеринарните амбуланти и во пет-шоповите, чини околу 30 денари. „Бихелдон“ е за животно тешко 10 кг, така што дозата секогаш треба да се усогласува со тежината, на пример, за животно тешко 5 кг треба да се даде половина апче итн.

Животни до 1 година старост треба да примаат „Бихелдон“ на секој месец, а откако ќе наполнат 1 година, на секои 2 месеца до крајот на животот)

в) Шампон „Бекутан“

(или каков било шампон за бебиња)

г) Песок

(Најевтин песок има во КАМ маркет, 10 кг чинат 259 денари. Овој песок за мало маче ќе ви трае околу 3-4 месеци.)

д) Сува храна за мали мачиња „Фрискис“ – околу 80 денари за 300 гр.

(Или ако имате пет-шоп во близина ќе ја барате храната на „Пурина“ за мали мачиња што е во иста класа со „Ројал Канин“, чини околу 250 денари за килограм.)

ѓ) Леѓенче за песок – пластично

(Има на секој пазар, најубаво е да се купи правоаголно со големина 40х50 см (или слични димензии). Овој леѓен ќе го употребувате откако мачето ќе потпорасне. За почеток сосема доволно ви е едно пошироко (20х20 см) пластично од сладолед.)

е) Неколку литри полномасно млеко.

(Во зависност од староста на мачето може сè уште ќе има потреба да пие големи количини млеко, така што убаво е да му се остави во хранилка (за папагали, ама од најголемите) измешано 2/3 полномасно млеко и 1/3 вода – оптимално би било да е превриена. Добар дел од мачињата не поднесуваат лактоза па затоа ако веќе им се дава млеко секој ден треба да внимавате тоа да биде полномасно, колку повеќе масленост има млекото толку е понизок степенот на лактоза.)

ж) Некоја поголема кутија

(По можност 70х70 см (колку поголема толку подобро) за мачето да има место за сè – и да јаде и да оди во песок и да пие и да се прошета.)

з) Пилешко или риба – НЕ ПАНГА!

(Се вари со само неколку зрнца морска сол во ладна вода, БЕЗ НИКАКВИ ЗАЧИНИ! Кромидот е отровен за мачките поради тоа што содржи супстанција Н-пропил дисулфид, што ги уништува нивните црвени крвни зрнца и доведува до појава на анемија. Еве која храна да ја избегнувате кај вашата мачка: http://cats.about.com/cs/catfood/a/humanfood.htm)

ѕ) Неколку играчки за мачиња

Сега сте вратени од продавница и прво што треба да направите е да го избањате мачето. Ако првпат бањате маче би било убаво да побарате помош од некој што има поголемо искуство, но ако морате сами во овој дел најважно е дека ВОДА ВО УШИ НЕ СМЕЕ ДА ВЛЕЗЕ! Тоа значи дека главата на мачето нема да ја ставате под млаз вода. Маче се бања исто како што се бања бебе или куче. Водата треба да биде пријатна, ни премногу топла, ни премногу ладна. Најубаво е да го ставите во лавабо зашто и вас ќе ви биде најзгодно.


Почнувате да го мокрите од опашката нагоре по телото. Ќе видите како ќе реагира, мало маче обично не се противи многу на вода, но ако е многу агресивно само ќе го фатите за онаа кожа на задниот дел од вратот (каде што ги фаќа мајката кога ги пренесува во уста) и ќе го притиснете малку надолу за да не може многу да мрда и случајно да не му влезе вода во ушите ШТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ СЛУЧИ! Мачето убаво се истрива со вода за да излезе нечистотијата и после се шампонира со „Бекутанот“ убаво и по цело тело избегнувајќи го делот со главата, но внимателно да се истрие и на стомакот и околу опашката а и на шепите. Се измива со вода од шампонот и се шампонира уште еднаш. Пак се трие најубаво што може и после тоа темелно се измива со вода за да нема повеќе сапуница. Откако е убаво измиен шампонот главата се поминува со мокра рака при што внимателно му се мијат ушите, делот околу носот/очите, целата муцка и вратот. Сега кога мачето е цело мокро се полева со растворениот „Неостомосан“ (На едно бањање би требало да употребите околу 100-200 мл од растворот што инаку е 1,5 литри. НИКАКО ЦЕЛ РАСТВОР!). „Неостомосанот“ НЕ СМЕЕ да му влезе во очи/нос/уста. Внимателно ќе го намачкате мачето по цело тело/стомакот/шепите/вратот и после тоа НЕОСТОМОСАНОТ НЕ ГО ИЗМИВАТЕ СО ВОДА. Мачето само се завиткува во бел пешкир (пожелно е пешкирот да биде светол поради болвите, ако ги има) и малку се држи така додека да се впие водата, а после тоа се суши на калорифер или на клима (да дува топло, се разбира), не се суши со фен зашто најголемиот дел од мачињата се плашат од звукот. Ако има болви што излегуваат од него треба да се убијат зашто моментално се зашеметени, но не се мртви. Болвите/крлежите што ќе останат на кожата на мачето ќе угинат неколку часа по бањањето со „Неостомосан“ зашто тоа е средство против надворешни паразити.
Мачето сега е суво ама малку исплашено. За да му олесните веднаш ќе му дадете храна (од сувата што ја купивте) или варено пилешко месо/варена риба и мешавината што ви е напишана погоре со млеко и вода. Мачиња до 1 година старост НЕ СМЕАТ да јадат преработено месо, тука спаѓаат виршли, колбаси, сланина, печеница, пршута, салама, паштета, нарезок и слично. Ако веќе сакате мачето да го храните со месо најубаво е да се храни со варено пилешко или со варена риба.
Во мешавината од млекото треба да му растворите апче против внатрешни паразити „Бихелдон“. Едно цело апче „Бихелдон“ е за 10 кг тежина, што значи дека ако мачето што сте го нашле тежи 200-300 гр треба да му дадете 1/16 од апчето. Мора да внимавате мачето да го испие целото млеко со раствореното апче, па затоа за почеток ќе ставите само малку млеко колку да се раствори апчето и за да го излиже цело, а после слободно може да му додадете уште млеко.
Ќе земете едно старо пластично од сладолед (или каков било поширок сад за почеток), ќе го наполните со песок и ќе го ставите во кутијата каде што е мачето.
На другиот дел од кутијата ќе ставите некоја стара маица/џемпер/дуксер/пантолони, што и да имате, за да има мачето на што да лежи.
Внатре во кутијата ќе му ставите и сад со храна, сад со вода/млеко (што ќе се потрудите да ги фиксирате за мачето да не ги преврти и да седи на мокро внатре).

Вака затворено во кутија треба да го чувате неколку дена додека не се осигурате дека научило да кака/мочка во песок со тоа што ќе го земате да го погалите 15-20 минути на секои 2-3 часа. После два/три дена може да почнете да го пуштате надвор од кутија подолги временски периоди со тоа што леѓенчето/пластичното со песок секогаш ќе му биде во близина. Не смеете да дозволите мачето да остане без садот за песок зашто може да му направите лоша навика да оди во ВЦ каде што ќе му дојде. Треба да се следи говорот на неговото тело и начинот на однесување. Ако на пример, забележите дека мачето мјаука/цивка веднаш треба да го ставите во садот со песок зашто е многу веројатно да му се оди во ВЦ ама само не знае каде треба да отиде. Со тек на време ќе сфатите како функционира и ќе се навикнете и вие на него и тоа на вас.

Маче на прва вакцина се носи кога е старо 2 месеца, сепак, веднаш откако ќе го земете дома и избањате/нахраните треба да го однесете и до ветеринар, за секој случај, да го прегледа и да ви каже во каква состојба е. Штом е сè во ред со ветеринарот закажувате средба за неколку недели, кога мачето ќе наполни 2 месеца и тогаш ветеринарот ќе го прашате за ревакцинација/операција (стерилизација или кастрација во зависност од полот) и воопшто за сите работи што ве интересираат и што како нов сопственик би требало да ги знаете за својот миленик. Убаво е да земете и контакт од вашиот ветеринар за да може да му се јавите секогаш кога ќе ви затреба, бидејќи штом тој го познава вашиот миленик најверојатно најдобро би знаел за што се работи во дадена ситуација и како најмногу да му помогне.

Мали мачиња во првите 2-3 недели во новиот дом најмногу време поминуваат во спиење. Обично спијат по 3-4 часа, па стануваат да јадат, да одат во ВЦ и да си поиграат (сè ова трае околу 15-20 минути) и после пак на спиење.

СО СРЕЌА!

Извор(и): (освен дадените линкови) лично десетгодишно искуство со чување мачиња, секојдневно читање литература со ваква проблематика, многубројни и долготрајни консултации со ветеринари, здрав разум, логика.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s