Крзно

krzno1Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ во соработка со Здружението за заштита на животната средина „Терра Флориа“ го одбележаа светскиот ден против употреба на природно крзно – последниот петок од ноември, 29 ноември 2013 година, т.н. Fur Free Friday, приклучувајќи им се на бројни организации ширум светот во борбата против една од најсуровите и најштетните индустрии.

Токму од оваа причина многу земји-членки на Европската Унија го забранија одгледувањето на животни за крзно. Такви земји се: Велика Британија, Австрија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. Во Република Македонија е забрането одгледување на животни за крзно, но, за жал, сѐ уште се дозволени увозот и продажбата на овoj крајно нееколошки производ. Тоа можеби навидум делува позитивно, но во суштина, забраната за производство, а истовремено -целосната слобода за увоз и продажба- предизвикуваат индустријата за производство на крзно да се пресели во земји како што е Кина, каде што нема никакви закони за заштита на животните. Најблиску до идеалот кога станува збор за правата на животните што се злоупотребуваат за крзно, е Израел, каде што е во тек иницијатива да се забранат, покрај производството, и увозот и продажбата на производи од природно крзно. Ако предлогот се усвои, Израел ќе стане првата земја во светот којашто целосно ќе ја бојкотира оваа свирепа и непотребна индустрија. Во нашата поблиска околина земја што комплетно го забрани одгледувањето на животни за крзно е Босна и Херцеговина, додека во Хрватска во тек е целосна забрана на индустријата. Одговорот на прашањето: Како производството на природно крзно од водечка економска гранка во Хрватска, се претвори во индустрија која полека, но сигурно, целосно ќе се забрани со закон, е многу едноставен. Имено, со тек на време беше забележано дека огромен процент од вработените на фармите за крзно се разболуваат од најразлични канцерогени заболувања и дека и покрај скапите филтри и најсилните мерки за заштита на средината, сепак, водите, почвата и цели екосистеми во Хрватска претрпеа катастрофални последици во име на финансиска добивка. Среќна околност е што граѓаните на оваа земја се освестија и не дозволија последиците да земат поголем замав и штетата да добие размери што се надвор од секаква контрола на човечкиот фактор.

Резултатите од многу научни студии од сериозни институции ширум светот покажуваат дека индустријата за производство на крзно – поради испуштањето токсични супстанции како што се хромот, алуминиумот, железото (за да се спречи распаѓањето на кожите), потоа формалдехидот, јаглените деривати, различни масла и разредувачи (а дел од нив имаат и цијанид во својот состав) – е најголем причинител за загадување на животната средина и загрозување на човековото здравје. Според Службата за контрола и превенција од Атланта кај населението што живее во близина на вакви фабрики е забележана петпати поголема инциденца на леукемија во споредба со просекот на ниво на држава. И не се само последиците по животната средина и по здравјето на луѓето причина што оваа индустрија стана непожелна и забранета во Хрватска, а и во многу други земји ширум светот. Крзното не е нус-производ од ниедна друга индустрија, тука животните наменски се ловат или прекумерно се размножуваат само за таа цел – искористување на нивното крзно. Освен тоа, во стапиците што ги поставуваат ловците неретко се фаќаат и животни кои не биле нивна цел, па залудно умираат од инфекции, поминувајќи денови во агонија вклештени во челичните стапици, немоќни да се ослободат, или, така беспомошни и повредени, стануваат лесна мета на предатори. Труповите на животните што се одгледуваат за крзно се неупотребливи, па нивното отстранување претставува дополнителна закана по животната средина. На фармите за животни што се одгледуваат за крзно се случува непоимлив хорор, далеку од очите на обичниот човек. Сите животни што „живеат“ на овие фарми ги чека истата судбина – давење во вода, задушување, гасни комори, труење, анална и вагинална електрокуција, кршење на вратот, кршење на главата, претепување до смрт, дерење на живо, садистичко изживување какво што не можеме ни да си замислиме… Третманот, односно поточно кажано, злоупотребата на животните на тие фарми ги надминува сите граници на човековиот разум. Профилот на работникот на таквите фарми слободно можеме да кажеме дека се доближува до профилот на сериски убиец, силувач, психопат. Премногу е кревка човековата психа за да може совеста да дозволи да биде сведок на такви ѕверства, а тоа да не се преслика во сите аспекти од животот на таквите луѓе. Имено, повеќе од јасно е дека склоноста кон континуирано насилство кон животните апсолутно секогаш води кон насилство врз човек. Невозможно е човек што ужива додека измачува и убива невини беспомошни животни во иднина да не посегне по човек. Индустријата за крзно претставува школски пример за злоупотреба на животните од невидени размери во име на суета и сето тоа удобно вклопено во т.н. Закон за заштита наживотните. Ако сакаме да создаваме и да градиме култура на ненасилство, на соживот, на почит, треба да почнеме од самиот корен на проблемот – а тоа е односот на човекот кон животните.

Втората половина од минатиот милениум како свое обележје го имаше претворањето во роб и злоупотребата на црниот човек. Истовремено, жената во општеството немаше никакви права. Групите и организациите за подигање на свеста си го направија своето и јавноста, генерално гледано, повеќе не само што не го одобрува робувањето на децата, жените и црните луѓе, туку и најостро го осудува. Општеството ги надмина овие црни дамки во историјата и срамните периоди од својот развој. Време е да го направи и последниот чекор – да ги ослободи животните и да престане да ги гледа како комодитети, како предмети што може да ги искористува за своите себични потреби.

Тие животни се создадени на оваа земја од истата причина од која е создаден и човекот – ЗА ДА ЖИВЕАТ. Правото на живот е еднакво за сите и ако навистина сакаме да доживееме да видиме ден кога сето насилство на светот ќе запре треба една мисла постојано да ни одѕвонува во главата – додека се убиваат животни, ќе се убиваат и луѓе.

Ако некој од вас барем еднаш во животот се нашол во очајна, безизлезна состојба и се почувствувал како жртва, тоа значи дека во еден мал момент сте го почувствувале она што овие животни го чувствуваат секој ден, сѐ додека конечно не им биде пресудено. Затоа, ве повикуваме да ни се придружите во борбата за правата на животните, во борбата за основното право на живот – што ни припаѓа на сите по раѓање. Заедно да им покажеме на граѓаните од Македонија и од светот дека општеството се менува и дека она што некогаш беше борба за права на жените, за права на црниот човек, денес стана борба за правата на животните – борба за живот, во нејзината најосновна и најчиста форма.

Не купувајте производи направени од туѓа кожа, крзно или пердуви!
НЕ за китење со туѓа смрт! НЕ за природно крзно!

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s